Дали ќе преживее долненскиот фестивал? вторник, Јан 6 2009 

images

Живееме во време кога на секој чекор се обидуваме да ја истакнеме и потврдиме нашата опстојба на малово парче земја што ни го додели Господ. Обземени од последните случувања со негативниот одговор за влезот во НАТО и ЕУ (влез кој голем дел од нас почна да го доживува како небаре влез во Царството Небесно), бараме начин да им докажеме на сите кој сме и што сме. Се прават многу напори на секаков план… тргнувајќи од избор на еден прототип на идентитет па сè до некои – не ретко небулозни теории за нашето потоење можеби уште пред настанокот на светот…

Сепак со искрена почит кон обидите и тежнеењата поткрепени со какви и да се – истражувања, сметам дека културата и нејзината континуирана традиција може најмногу да помогне во нашата денешна Одисеја наречена Идентитеја!

Таа култура не само што ќе нè идентификува, туку и ќе ни покаже дека е слична и на други култури и воедно ќе ја покаже и нејзината отвореност и можност за намелен ризик на национални омрази. Не дека во ова време во кое што живееме не е тоа битно (мислам на националната припадност), сепак кога би можела таа да се избегне голем дел од страдањата и санкциите би изостанале.

И значи констатиравме дека традицијата е бисерот кој треба да се чува на врв планина, да се бдее над него како на своја рожба – бидејќи таа е огледало на нас, нашите претци и нашите потомци!

Како што сите знаеме, секоја година се одржува традиционалниот фестивал за народни песни и иструменти „Пеце Атанасовски“. Еден од бисерите за кои што зборувам.

Фестивал кој постои уште од далечната 1975 год. Порано се викаше „Марко Цепенков“ а откако Пеце Атанасовски направи револуција во традиционалната народна песна исвирена на прекрасната гајда, заслужи овој фестивал да се вика по неговото име.

Но дали тоа што Пеце го актуализира, ние го продолживем достојно?!

Имајќи ја предвид мојата последан посета на тој фестивал, а одам скоро секоја година – десет години наназад, фестивалот полека но сигурно тоне во големата вода на заборавот. Можеби помалку претерувам и делувам параноично, но ако се продолжи со таква…не би можела да го употребам зборот организација… фестивалот ќе го снема! Можеби ќе останат некои звучни записи кои ќе ги пуштаа додека некои политичари (кои во периодов што измина сè помалку се појавуваат на фестивалот) ќе полагаат свежо цвеќе на неговата биста…

Со целосна почит кон госпоѓата Вучиќ и организациската екипа, разбирањето дека од година во година Министерството за култура (400.000 денари) и Локалната самоуправа (100.000 денари) ги намалуваат спонзорствата, и правдањата од типот: Одамна до Министерството за култура имам поднесено проект за развој и осовременување на ФНИП „Пеце Атанасовски“.

Но ве молам…ако не повеќе…со една акција за засадување на дрва досега ќе се направеше една убава шумичка на Рудина, па не ќе мораше да добиваме сончаница додека го следиме фестивалот. Или барем за време на фестивалот да се постават некакви тенди кои по одржувањето на програмата веднаш ќе се отстранат за големите трње кои со години тука опстојуваат (и сигурно досега се изборија за историска вредност) да можат да раснат уште повеќе.

Ве молам!!! ако тоа не смее да се направи, што смее?

Организаторите треба да го стимулира долненското население да поработи малку на случајот Рудина. Ајде село е, па руралноста е некој вид украс, но незачистениот и плус оголениот терен со години, неспремноста за евентуални временски непогоди – навистина не е допуслива!!! Ако организирате фестивал, барем денес можете да добите информации дали ќе има дожд тој ден или не, па ако има…да се погрижите за просторија, всушност органзиацијата на фестивалот се погрижила за просторија, само заборавила на струјата…еден мал детаљ, кој ете за жал го уништи овогодинешниот фестивал…

Кој беше виде…кој не беше подобро што не дојде!!!

Додека темните облаци се задаваа да ги налеат трњето на Рудина, толпа од прекрасно облечени луѓе во народна носија се упатуваа на сред село. Таму никој не знаеше што се случува…некој викаше: овде, во општинската зграда ќе се продолжи…друг..готово заврши…трет во Прилеп на плоштад, па потоа во Марко Цепенков, а на крај завршиле..ако воопшто завршиле некаде – наводно во ресторан „Центар“. Дури и да имав детективски способности, трагата на учесниците не можев да ја пронајдам. Само додека се случуваше тој хаос, успеав да забележам на многу лица, особено од бабички дотерани како цутни моми и мали дечиња на кои грееше прекрасната носија од крајот од кај што идеа, едно големо разочарување. Сигурно долго време копнееле да се претстават, да видат, да се подружат… а сега една лоша органзиација им го одзема тоа… за некој можеби ова беше и последниот пат кога дошол во Долнени… Некои луѓе беа изреволтирани и рекоа дека повеќе нема да дојдат…а и што бараат…

Откако времето се поврати, редици од коли се упатуваа кон празната Рудина и се чудеа што се случува…Срамота!!!

Штом постои, навидум, свест и план како тоа да се реши, треба како што вика нашиот народ: „Орлој нокти да се кла.“ Навистина идеите за: етноколонија во Долнени, работилници за изработка на носии, народни инструменти и пеење, семинари со етномузиколози, предлог проектот за изградба на монтажна покриена сцена на Рудина – се прекрасни. Но ништо од тоа досега не е остварено.

Да имавме уште 100 вакви фестивали ајде…како и како… ама ништо слично нема во целата земја, а ние допуштаме да се случи катастрофа.

Може да се прават милион прилози… реклами, директни преноси на фестивалот и да се најдуваат средства… може да се помогне бар малку, за да заличи на еден убав скромен фестивал!!!

Факт е дека овде уште од поодамна е детектиран еден голем проблем кој чека некој здраворазумски човек да го реши.

А не треба многу: еден трактор кој го има во секоја куќа од селото, да го изора просторот околку Рудина, да се насадат десетина дрвца, за време на фестивалот да се продолжи трскената тенда малку повеќе и малку поназад, и тие лошо направени бетонски клупи да се покријат бар со една дипла… Колку средства се потребни за ова?!

На добродушните учесници не им е дојдено до некои парични награди. Еве еден извадок од натпис во печатот кој многу кажува: Учесниците на Долнени, верни, лојални и вљубени во народните песни и инструменти, не може да ги поколеба ни дождот, не им пречи ни сонцето кога ќе пекне на Рудина, не бараат преку леб погача…, повторно ја излеаја својата љубов, и тоа на возраст од седум до 93 години. И повторно ќе го направат тоа, имало – немало пари! Сведок сум на едно доделување на награди кога фестивалот заврши, па во домот на културата во Прилеп, едно прекрасно момченце, не се сеќавам од кој крај на Македонија доаѓаше, пееше песна за љубовта кон Филимена, доби награда која што беше една обична видео касета и еден лист хартија со благодарност за учеството, момченцето се радуваше како да добило милион долари на лото. Нивната радост се состои во учеството, толку сакаат! Па ако не сте способни тоа да им го допуштите, што се зафаќате воопшто со организација!!!

Проблемот со времето со години наназад постои, и сè уште ништо конкретно не се презема. Ако претходната година се одржа целосно во Прилеп, тогаш зошто оваа година да се претпоставува дека времето ќе биде добро? Може дури и да се изгрди еден објект кој ќе му биде од корист на долненци и во другиот период од годината.

И врв на целиот простоитилук е тоа што веб страната која постои од лани, е направена на гаге!! Значи студент од ПМФ работи проект кој супер доаѓа за организацијата на фестивалот…ајде добро, се поклопиле работите, никој не видел пара од тоа… сепак, како што се изјавува – фестивалот не е воопшто профитабилен. Но барем да се обновува малку страната..да се даде по некоја денар за да се разубавува…

Најголемото оправдување на организаторите е во тоа што сè стои во место бидејќи сè уште не се решени некои имотноправни односи. Имено, просторот Рудина и припаѓа на државата, а е даден на користење на ЗИК „Прилеп“, кој одамна не постои. Во меѓувреме, државата не си го вратила имотот и тоа не дозволува преземање иницијативи за облагородување на местото. Сличен е случајот и со Спомен-куќата на Пеце Атанасовски. Таа е адаптирана, но не може целосно да се одржува. Односно може само да се чисти, а за поголеми поправки, кои се неопходни (тоа е куќа стара 200 години) – не е дозволено.

Сепак и тоа може да се реши ако се лобира со помош на некој политичар, или просто да се излезе на протест. Секоја година има најмалку по 400 учесници…плус публика!!! Организаторите, ако им е дојдено до фестивалот, можат да ја искористат непотрошената енергија за организација (бидејќи како што читаме погоре – не им се дозволува) и да платат, па и од свој џеб ако треба, автобуси до Скопје. Тоа може да се случи на денот кога се одржува фестивалот, па сите заедно да протестираме пред Владата на РМ. Да одржиме еден концерт кој ќе допре до срцата на политичарите, да го средат имотноправниот спор. Сигурно таа толпа од луѓе што ќе се собери нема да остане незабележана. Звукот на гајдата и кавалот ќе ги стопли срцата на политичарите и сè ќе биде подобро од сега.

Иако Долнени е посебна општина, градот Прилеп треба да чувствува одговорност и да биде дел од таа организација, тој може во голема мера да придонесе за разубавување на фестивалот. Голем број луѓе си спијат на уши, но треба да им се пратат неколку зурлаџии од Долнени па да ги разбудат.

Младите генерации ги чувствуваат корените. Податокот дека голем дел од учесниците се и млади луѓе, самата публика исто така во голема мера е млада, само ја потврдува жедта за својот фолклор на генерациите што идат.

Да не го секнеме овој извор кој полека пресушува!!!

За женското достоинство петок, Мај 18 2007 

devojki.jpg

Женското достоинство е најголемиот украс што може да го има една жена. Но тоа денес како да се заборавило, или поточно, се толкува од некој изместен агол.

Ќе зборувам за денешната девојка, бидејќи и самата сум дел од неа. Ќе зборувам за нејзината изгубеност во светот кој ги влече младите души во пропаст…

…можеме да почнеме од физичкиот изглед, бидејќи тој многу пластично ја одразува состојбата.

Во овие жешки денови што ни претстојат, по скопските улици ќе гледаме триста чуда! За деколтеата до колена да не зборуваме – тие се нешто веќе видено. Сега се актуелни кратките пантолонки, кои исто така допуштаат „темелна анализа“ на скоро голото женско тело. Тие ги заменија тричетвртите панталони и онаа одвратна мода на ставање на фармерките во чизми – на која естетика јас би додала и еден коњ, за да соодвејствува на џокејскиот стил. Но ајде, мода си е мода, и некој едноставно нели живее за да ја следи.

Го жалам машкиот свет, кога јас – како девојка – се загледувам во полуголите девојки, тогаш кој знае како им е на момчињата.

Јас ја ценам слободата и разбирам дека времето е жешко, но не можам да ја разберам дрскоста со која намерно се ставаат на излог пред целиот свет.

Па денес понудата на „пазарот“ е толку голема што ќе почнеш да се сомневаш – дане случајно во тебе е проблемот!

Како да претстои некој натпревар во кој победува онаа девојка која ќе се соблече најмногу. Па ве молам: соблечете се голи и не мачете нè!!!

Уште потешко е пак ако навлеземе подлабоко, во ставовите и начинот на размислување. Ретко која девојка денес се гледа себе си како идна мајка кој доброволно ќе се жртвува за своите деца. Денешната девојка се гледа како згодна женска која освен тоа што му се допаѓа на своето момче, страшно многу му се допаѓа и на многу други момчиња. Тој податок поттикнува продолжение на таа подла игра. Фактот дека може да биде мајка, кај неа предизвикува страв и ужас, бидејќи мајчинството го стекнала „непланирано“.

Ако не е доволно тоа што нè сака саканиот, тогаш тој воопшто не е наш сакан – барем јас така мислам.

Во таа игра се исклучува искреноста, жртвата, компромисот. Местото го зазема суетата, егоцентризмот и желбата за доминација. Владее некое брзање кон искусување на што повеќе телесни искуства, како некој да нè брка, како времето да нè гази и треба да се проба сè – што побрзо. Да се искуси она што некој друг веќе го искусил, за потоа да се споделуваат впечатоците – одвратно!!! Како младоста да е време кога треба целосно да се оддадеме на житејските уживања, бидејќи староста тоа не може да ни го допушти. И во целиот тој Содом и Гомор – девојките кои се обидуваат да ја сочуваат својата девственост, да бидат чисти невести спремни за својот маж – исмeвани и сметани како назадни и глупави. Навистина во овој паднат свет многу тешко може да се исполни тоа. Но барем на некој начин да се зачува женскиот позив и нејзината предодреденост – од Бога дадена.

Треба да се има одговорност за нашето однесување. Тоа дека можеме некој да повредиме или да наведеме на нешто што е лошо за обајцата. Нешто што може да биде погубно за душата. А што има пострашно од тоа да се изгуби душата!?

Прашањето е:

Како сакаме во нас луѓето да гледаат личности, кога им се претставуваме како едно парче месо, еден згоден предмет за една употреба?

Потоа се бориме за некои права, па како воопшто ќе добиеме нешто, кога нашата појава не делува сериозно. Кој феминизам е издржан кога само надворешноста доволно покажува.

Јас не ја осудувам денешната девојка. Напротив, ја сожалувам. Ја сожалувам поради тоа што потпаѓа под влијанијата на паднатиот свет. Бидејќи е изгубен лист кој се вее каде што дува ветрот. Таа јадница, убедена е дека мора да се облекува (јас би рекла соблекува) така, за да може да биде дел од него. Во спротивно, како поинаку ќе дојде до момче? А сам човек не го бидува.

Во целата лудница, ако ја има „среќата“ да налета на некое одговорно и вљубено момче, може и да се промени, или непрестано да му набива рогови до оној момент кога веќе нема да можат да бидат заедно. Нели, денес најголемиот проблем за разводот е бракот!

Владика Николај (Велимировиќ) четврток, Мај 3 2007 

 

 

images2.jpg

Сметај го секој ден како еден цел започнат живот,

одживеј го како целина, а не како дел.

Нека секој твој ден

се одрони од тебе

како еден човек со кого ќе сакаш повторно да се сретнеш

како со пријател кој без срам ќе го покажеш на вселената.

Свети Николај (Велимировиќ), охридски и жички. Прекрасен светител, Владика, поет, писател, беседник…

Роден на 23 Декември 1880г./5 Јануари 1881г. во селото Лелиќ – Србија. Завршува богословија во Белград, потоа во периодот од 1904 до 1909 студира во Швајцарија и Англија. Во 1908 година докторира на старокатоличкиот теолошки факултет во Берн, а философија во Женева – 1909 година. По долга и тешка болест, истата година се замонашува во манастирот Раковица. Своето образование го заокружува со духовната академија во денешен Санкт Петербург. Периодот што следува го карактеризира како нов Златоуст. Неговите беседи и ден денес се шират низ православниот свет.

Како професор на белградската Богословија предавал: философија, логика, психологија, историја и странски јазици.

Периодот на Првата светска војна, свети Николај го поминал во дипломатски цели, патувајќи низ Англија и Америка, запознавајќи го Западот со проблемот на Балканот, но исто така и со Словото Божјо кое исходело од него како прекрасен звук кој го обзема целото битие..

Во 1919 година е избрана за жички Епископ, а во периодот од 1920 до 1934 – за наша голема радост – станува Епископ охридски. Кога се укинува охридската епархија, поставен е за Епископ охридско – битолски, со седиште во Битола. Во Битола е дел од наставничкиот колегиум на битолската Богословија. Во истата Богословија каде што предавале и свети Јован Шангајски и свети Јустин Поповиќ.

Во периодот од 1935 до 1941 се враќа како жички Епископ, со седиште во Краљево.

Почетокот на Втората светска војна го поминува во притвор, затворен од Германците во манастирот Љубостиња – поради угледот и влијателноста што ја имал кај народот. А кон крајот на 1944 година, поминува еден период во концентрационен логор.

За време на комунистичка Југославија, Светиот Отец заминува во Америка, каде што до последен здив го проповеда Словото Божјо. Се упокојува на 18 Март 1956 година. Денес неговите мошти се наоѓаат во родниот крај – Лелиќ. Честици од моштите има и во духовниот центар Свети Владика Николај, во Краљево.

Неговите дела се отпечатени во 12 000 страни. Најзачајни се: O vaskrsenju Hristovom (1910), O Boki Kotorskoj (1910), Religija Njegoševa (1911), Besede pod Gorom (1912), Besede iznad greha i smrti (1914), Reči o svečoveku (1920), Molitva na Jezeru (1922), Nove besede pod Gorom (1922), Misli o dobru i zlu (1923), Omilije (1925), Ohridski prolog (1928), Rat i Biblija (1931), Vera obrazovanih ljudi (1931), Simboli i signali (1932), Carev zavet (1933), Duhovna lira (1934), Emanuil (1937), Nomologija (1940), Zemlja nedođija (1950), Život sv. Save (1951), Žetve Gospodnje (1952), Kasijana (1952), Pesme molitvene (1952), Divan (1953), Jedini Čovekoljubac (1958), Prvi Božji zakon (1959), Rajska piramida (1959)[1]

И зошто беше потребен овој вовед?

– Затоа што една ваква исклучителна личност е дел од нашата историја, а некој упорно ја игнорира. Затоа што јас од неодамна дознав за него и затоа што голем дел од нас не знаат дека постои!

Зошто? Бидејќи е Србин? Исто како свети Сава, нели? Колку само тоа е изместено, или жаргонски кажано – забегано!!!

Значи со овој текст сакам да го „извадам на маса“ проблемот кој постои, а тоа е дека едни вакви големи Светила на Православието се занемаруваат поради нивната национална припадност. Навистина една таква небулоза може да се случи само кај нас. Игнорирањето на големината на свети Владика Николај е без никаква основа.

Минатото лето имав можност да се поклонам на честица од неговите Свети мошти. Тоа што го доживеав не може да се опише! Моштите благоухаа со прекрасен мирис. Таа средба беше многу благодаттна…

 

Свети Владико Моли го Бога за нас!

 

 

 

 

 

 

 

[1] Делата се ископирани од еден сајт, затоа се на латиница и во оргинал. Ги оставив така за да не направам некои грешки при преводот.

Македонштина на кило петок, Апр 13 2007 

Читајќи го интервјуто на расчинетиот владика Кирил, во списанието „Македонско сонце“ не можев да не го искоментирам. Имено самиот небулозен наслов е доволна провокација за секој што гледа реално на состојбата во која веќе подолго време се наоѓа нашата ни мила Македонија. Не е спорно тоа дека Црквата како икона Христова ги собира сите луѓе во едно, и на тој начин им дава идентитет во Христа. Проблемот е во тоа што таа привилегија ѝ се предава на една институција. Значи Христос е тој што го дава идентитетот и постоењето, а не некоја институција!

Уште на самиот почеток на интервјуто, со торжествен тон се потенцира за тоа дека Кирил е единствениот жив потписник на историската Одлука на Светиот архијерејски Синод на Македонската православа црква, потврдена на Црковно-народниот собор во 1967 год. Ако навистина МПЦ, како што се вели во текстот, има Целосна духовна и канонска автокефалност, тогаш зошто се прават напори за остварување на преговори? Зошто ако се има таа автокефалија, Стефан не служи со некој од архијереите на некоја православна Црква. Еве Петар се фали цело време со поддршката од Бугарската и Романската Црква, па каква поддршка е тоа кога никој од тие цркви не е дојден да сослужува јавно со него?

Но да не навлегуваме во тоа прашање, кое веќе одамна е јасно. Сега зборуваме за Кирила, за тоа дека некој лежи во затвор за распалување на национална омраза, а некој јавно ја проповеда, и за тоа се смета за херој и патриот на македонскиот народ!!!

духовно да не подјармат, да размислуваш на ваков начин во XIX век, можеби е оправдано, но денес, кога веќе сите работи се издефинирани, да се живее со таа параноја дека сè уште некој сака да нè посрби, побугари или погрчи, навистина е смешно.

Да се повикуваш на Библијата, дека таму на многу пати стоело името Македонија, во ред, но за која Македонија се мисли? Сигурно не за денешната територија на Македонија.

Еден архијереј на Црквата, кога го прима чинот се заколнува дека ќе се залага за едниството на Црквата. Како е возможно за еден таков пастир да му биде доволо тоа што државата и собранието го признаваат, а не го признаваат другите помесни Цркви!!!

Туѓинец пастир стадо не чува! Колку што ми е познато Архиепископот Јован е по потекло од Битола, и има македонско државјанство. А тоа дека туѓинец не чува стадо, навистина е неиздржано. На пример: албанскиот архиепископ е Грк по националност, па албанската Црква расне во љубовта Христова беспрекорно и благодатно.

Аналогно на тоа: Што правиме кога ќе дознаеме дека Христос не е Македонец?

Навистина ми е жал кога, наместо да читам некои духовни поуки, јас читам политички говори!

Први април или Цветници? сабота, Мар 31 2007 

Maskenbal46a.jpg

Утре е први април. Сигурно цело Скопје ќе биде преполно со маскирани луѓе! Но утре е исто така и Цветници. Денот кога Христос влегол во Ерусалим, Царот јудејски качен на магаре, пречекан со палмови грачиња од народот. Прекрасен празник. Секој христијанин треба да го празнува. Но како?

– Па се знае, да оди на литургија.

Но што ќе гледаме утре? Сигурно нема да гледаме редици од луѓе кои се упатуваат кон храмот Божји, туку ќе гледаме преправени толпи што се туркаат на плоштадот Македонија! Утре по училиштата децата ќе се спремаат како подобро да изгледаат во нивните маски, наместо да им се зборува за Христос и за тоа како многу одамна децата на нивна воздраст воскликнувале: Осана во висините!!! И потоа заедно со наставниците да се однесат во Црква и да се причестат. Тие ќе парадираат низ улиците и ќе ги забавуваат другите!

Е навистина прекрасен начин да се прослави Цветници!!!

Есеј петок, Мар 30 2007 

 

 

blue-hills.jpg

ВЛИЈАНИЕТО НА МИГРАЦИОНИТЕ ПРОЦЕСИ ВРЗ ПСИХОФИЗИЧКАТА КОНСТИТУЦИЈА НА ЛИКОВИТЕ ВО ДРАМАТА „ТЕТОВИРАНИ ДУШИ“ ОД ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

Читајќи ја драмата, мојата мисла застана на една многу важна и суптилна тема. Тема која е воедно и синдром на ликовите кај Стефановски. Таа е слика на една група изгубени луѓе во времето и просторот. Протерани од својата земја. Населени во туѓа Засекогаш укотвени во пристаништето што го презираат.

Самиот наслов го позејмив од Војдан, поточно од неговиот магистерски труд. Под тој изговор Војдан доаѓа во големата Америка. За да ги пронајде проголтаните македонски душички и да ги стави под лупа. Но работите го менуваат својот тек, како што врочем е секогаш, и самиот тој се најдува под таа лупа.

Навистина оргинален термин на нашиот многу почитуван академик. Душите навистина се тетовирани кој со секс, кој со дрога, кој со рокенрол. Тие што мислат дека се чисти, тие се тетовирани под кожа. Ним им е најтешко.

И навистина по стогодишното пукање и пеење на сцена, грабање и убивање, искажување животни идеологии и тажење по изгубениот живот на печалба, време беше да се напише нешто што ќе ја има сварено сета таа тематика и ќе биде разгледувано од еден друг агол.

Печалбата како ламја двоглава проголта многу младости и животи. Но нејзиното вистинско зло како некоја радијација сè уште зрачи на идните генерации. Токму таа радијација е главната нишка за која се држи целата нарација во драмата, нормално искажана преку исказите на ликовите.

Со солзи на очите и болка во душата, печалбарите ги оставале зад себе своите тешки жени и заминувале за да не се вратат повеќе. Живеејќи кучешки живот, некои успејаа да станат големи луѓе (татко ù на Клодија), некои се задоволија со мали бизниси (Алтана), некои ги проголта подземјето (Цибра), а некои не можеа да го издржат притисокот и полудеа (Стрезо).

Но сепак дали успеале или не, сите тие на духовен план се исти, празни и изгубен!

Сите тие се ТЕТОВИРАНИ. Таа тетоважа ги вклучува во едно гето на мултиживотно вегетирање. Навидум различни и неспоиви, но сепак цврсто вградени во една ВЕЈКА која се вее на ветрот. Затоа во еден исказ Цибра ќе каже:

ИДНИНАТА НИКАКО ДА ДОЈДЕ, МИНАТОТО НИКАКО ДА СИ ОТИДЕ, А НИЕ ОВДЕ ГЛУМИМЕ СЕГАШНОСТ.

Алтана била вљубена во Стрезо, но тој не успеал да ја одглуми својата роља (затоа што само така може да се опстане во тој суров свет) и поради тоа цело време игра туѓи рољи. Тој може да биде сè што ќе се побара од него татко, братучед, херувим, касап, кувенџија, Арнаутин, Куцовлав, Чиканос, мртов… За неа, Стрезо е мртов.

Money makes the world go round, така и овде. Парите се главната причина за оваа состојба, или како што ќе рече Цибра ВИСТИНСКАТА СОСТОЈБА. Затоа чинот на тоа симболично тетовирање е токму кај Клодија, ќерката на богаташот од Македонија.

Цибра ги има на градите границите на својата татковина. Тоа можеби го прави патриот, но тој беше тетовиран и под кожа а таа тетоважа за жал никој не успеа да ја избрише.

Така, враќајќи се на насловот, можеме да заклучиме дека на овие луѓе им недостасува татковина. Тие си заминале од една, бараќи само начина за подобар живот, или средства за да ја подобрат старата татковина. Но заглавиле во механизмот наречен Америка и како вечни робови тапкаат во последната состојба која што ги затекнува и сонуваат за својот стари крај. Типичен пример е Кољо, тој секој ден купува билети за Македонија и цело време копнее по ветената, за него земја. Но никогаш не се решава да замине. Зошто? Војдан вели: не ви е вас лошо тука. Тука ви е вам главниот филм. Татковината ви е само журнал. Сладено ви е седењето на две столици. Ем Вардар голем ем вие ербап. Ем пливате, ем за врба се држите…

Тоа нивно повремено тажење за родниот крај е само остаток од коренот што го чувствуваат. Или можеби како очекувачка реакција која мора да постои. Човекот сака да биде сожалуван, затоа често си поставува некои бариери што го спречуваат да стигне до посакуваната цел и со тоа се прави себе си маченик, а воедно и си трасира пат за мечтаење, за остварување на замислената утопија. Затоа Ружа мисли дека во Македонија не може да се стаса. Тоа за неа е приказна, некогаш одамна во една далечна земја…

Овие ликови се изгубени некаде помеѓу Македонија и Америка. Дури и да се направи напор да им се најде некоја трета земја, таа нема да ги задоволи. Тие едноставно се преполовиле и стрчат како што стрчи тетоважата на белото тело. Во зависност од тоа колку е добро нацртана таа може да предизвикува ужас или да привлекува, но во кој и да било случај таа е страно тело, не соодвејствува со околината не ù е местото таму. Како и овие ликови.

Тие се свесни за ситуацијата, особено Алтана и Цибра. Свесни се за паранојата, која за жал и денес во нашиот народ постои. Алтана вели: нема живот ако човек мисли дека сите се против него. Дека светот е една голема завера. Во светот има и љубов и добрина и чесни луѓе. Ние мислиме дека само ние сме раселени. Сиот свет е раселен. На сите нешто им недостига… И Цибра го гледа проблемот на Македончето. Негови се зборовите: Ги барам моите луѓе. Ги нема. Некаде се пикнале… ги влечам да се исправат ме влечат да клекнам. Не мора да проработи пиштолот, но мора да проработи мозокот. Тука нешто цркнало. НЕ СМЕ МУ ВАЖНИ НИКОМУ, ЗАШТО НЕ СМЕ СИ ВАЖНИ СЕБЕ СИ!

Таа свесност ги прави реализирани ликови, но загубата на татковината го уништува нивниот идентитет. Затоа тие не живеат, туку вегитираат. И Стрезо го прави истото. Тој е завиен во свој свет, си ја гледа татковината, оди на Охридско Езеро, во Штип, ја гледа Преспа. Тој го уверува Војдан дека со време и тој ќе го гледа истото, затоа што според него тој е единствениот начин да се преживее. Стрезо е луд поради тоа што е кукавица. Цел живот бега. Тој не знае дека секое бегање е доаѓање. Цитираќи ја параболата за блудниот син од Евангелието укажува на пронаоѓањето на загубениот син кој беше мртов, но повторно се роди и затоа татко му со радост го прими во својот дом, па му стави прстен на рака и закла угоено теле. Но следниот исказ на Стрезо е сите сме нечии… имам син но тој никогаш нема да дојде да ме види. Никогаш. Никогаш.

А Војдан? Како што кажав на почетокот, си паѓа во сопствената стапица. Сепак ова негово патување е исцелително. Тој се спознава себе си, а што друго треба да прави човекот? Тоа е неговата смисла на живот, низ многу искушенија до спознавање на себе си (преку другите). Затоа кога Ружа е запросена од него (се плаши да прифати бидеќи не знае како ќе изгледа откако ќе ги извади завоите), Војдан ù вели: Јас ги извадив моите. Видов каков сум јас.

Сепак тука ништо не е завршено, не се стави крај на ниту еден лик. Но тоа е така бидеќи не е ставен крај и на нашиот живот како читатели. Стефановски остава празен простор кој треба да се исполни онака како што сака нашата фантазија, а ако ја немаме ќе чекаме да ја добиеме. Бидејќи еден ден сè ќе си добие свое значење.

За театарот… недела, Мар 25 2007 

slika01teatar.gif

 

На самиот почеток би направила дистинкција на поимите драма и театар.

Драмата е наративна (раскажувачка) литература. А театарот е илустративен производ на самата драма. Значи кога зборуваме за театарот ние зборуваме и за драмата (трагедија, комедија…) што се игра на театарските штиците. Обете се надополнуваат, но тоа не ги прави истозначни, бидејќи еден лош режисер може да ја упропасти приказната на драмскиот писател. Токму на тоа ќе целам во мојот коментар.

Јас сум млад човек кој не може да се пофали со огромен број на изгледани претстави (можеби 50), но тоа не ме ограничува да се обидам да говорам за денешниот театар.

Cведоци сме на повеќе фестивали: како Војдан Чернодрински во Прилеп, СКОМРАХИ, MOT или Шишков во Струмица… кои ја потврдуваат театарската традиција во Македонија.

Во театрите низ Македонија поставени се голем број претстави од домашни и странски автори. Дел од нив ми оставиле голем впечаток. Но исто така имало и ситуации во кои сум се страмела што сум во публиката и го гледам она што се прикажува. Е тогаш се запрашувам а воедно ве запрашувам и сите вас: ДАЛИ ТАКВИТЕ ПЕРВЕРЗНО – ОДВРАТНИ сцени се потребни за да се долови замислата на режисерот?

Јас не сум ограничена и ја ценам слободата на режисерите. Секоја драма и сценарио си има свое читање. Го делам ставот на современите теоретичари на литературата: дека читателот делува врз приказната со своето читање. Багажот од собрани информации ја обликува приказната која е понудена за секого. Навистина има сценарија кои изнудуваат такви сцени за да се покаже нештото. Добро, би гледала голи жени и што уште не, но на крајот да ја видам поентата од тоа. Дали тоа навистина е неопходно!!!

Преголемата разголеност на нашите актерки ме вади од такт. Ниту еден лик на денешните претстави го нема женското достоинство. Ако случајно се нашла некоја пооблечена, тогаш мора да е стара баба (иако сега и бабите се соблекуваат, на пример во Лет во место) или некоја нездраворазумна девојка. Тоа толку ја уништува претставата што просто ти иде да го претепаш режисерот! Денешните режисери ја прифаќаат разголеноста како нормална работа. Светот ги изгубил вредностите, но сепак има луѓе кои ги чуваат истите! Што може еден човек да помисли за жената во театарот кога секогаш е или гола, или полу гола или е хистерична.

Јас не ги поистоветувам ликовите со личностите но мора актерите да признаат дека не е баш лесно да се одделиш од ликот што го играш. Актерот има огромен проблем со идентитетот. Јас никогаш не можам да разберам како тоа актерот успева да ги зачува своите чувства и својот живот надвор од претставата. Сигурно е многу тешко! А и самите ликови се извлечени од реалниот живот. Драмскиот писател сигурно не ги видел на Марс!

Значи сакам да кажам дека ако се сака, може да се претстави подостоинствено, поморално…

На пример, нема да ја заборавам една сцената во Македонска крвава свадба, на битолски народен театар, режирана од Лупчо Ѓеорѓиевски. Се работеше во тоа што режисерот поставува сцена во која Осман – бег ја силува Цвета, иако Војдан Чернодрински никаде не остава простор дека Цвета е силувана од Осман – бег. Режисерот така ја прочитал драмата и така ја поставил. Чинот на злоупотребата беше во полузатемнато светло и немаше никакви движења кои ќе симулираа силувањето, едноставно Осман – бег се вртеше заедно со подвижниот кревет на кој лежеше Цвета, тоа беше проследено со гласна и застрашувачка музика изведена во живо од тогашниот состав на групата Фолтин. И можеби не успеав да ви доловам како тоа изгледаше, но поентата ми е дека не беше воопшто невкусно. Значи можат да се најдат милион начини да се одбегне непријатното чувство..

Јас не застапувам став во кој некоја проститутка ќе носи долг фустан и ќе зборува за семејниот живот, далеку од тоа! Онаму каде што тоа е така, така е, мое е дали јас ќе одам да ја гледам таа престава или не. Но онаму каде што тоа навистина не е потребно…зошто да се уништува прекрасно напишаниот текст?

 

Расказ петок, Мар 23 2007 

…Беше тажна. Размислуваше за постоечката ситуацијата…

…Иако нивното присуство ја вознемируваше, таа остана до крајот на серијата.

Не можеше да си го објасни чувството предизвикано од периодичните воздивнувања на добрите пријателки. Тоа воздивнување често беше проследено со солзи кои дополнително ја замислуваа младата душа. Таа не можеше да го пронајди одговорот на таквото настроение. Ги анализираше собитијата но одговор немаше.

Често беше осудувана од тетка Маре дека е рамнодушно девојчиште кое нема чувства за овој свет. Знаеше да биде нападната и од мајка ù која се чудеше како ќе ја омажи својата проблематична ќерка.

Ана навидум не реагираше на изнесените примедби, но длабоко во себе ја анализираше секоја реченица излезена од нивните усни. Во незиното срце немаше место за осуда. Тоа беше еден огромен дар за кој луѓето претрпуваат безброј искушенија за да го стекнат. Таа едноставно сакаше да изнајде решение за изгубените празни воденички.

Сè беше нормално. Пред телевизорот седеа тетка Маре и тетка Весела, ја озборуваа комшивката од третиот кат – бидејќи тој кат беше дојден на ред, пиеја кафе, правеа егзорцизам на Анината рамнодушност и кога започна серијата, занемеа.

Лошиот пациент рамнодушно ја гледаше серијата.

***

Во малиот стан на покојниот чичко Атанас живееја тетка Весела и рамнодушната Ана. Наспроти тоа станче живееше тетка Маре. Тетка Маре беше најдобра другарка на тетка Весела. Нивното дружење беше сериозно и одговорно. Должноста на овие две женички беше собирање информации од различен вид. Особено интимните случувања на соседите во нивната непосредна близина. Рака на срце тоа и не беше баш едноставна работа. Потребна беше креативност а понекогаш и невидливост. Иако често употребуваа исти методи на работа, како на пример: тресење килим во три часот на утро, киснење на тераса со саати, бришење на надворешната врата до истанчување и истурање на ѓубре во навидум непристојно време, тие знаеја да изненадат со нови методи. Тие методи ги учеа од шпанските серии. Иако беа преставувани од негативни ликови, обете беа убедени дека средствата се неутрални. Во однос на овој проблем, тетка Весела имаше една кујнска теорија. Имено таа тврдеше дека ножот служи за приготвување шопска салата, сечење леб… но и за убивање луѓе. Тоа што луѓето го користат ножот во кујната не ги прави убијци. И така со растеретеност од грижата на совест, двете женички многу одговорно ја спроведуваа својата работа.

Навистина на тетка Маре ù беше многу потешко бидејќи работеше уште на едно место. Таа беше шивачка во една конфекција. Но предноста беше во тоа што Маре беше во позиција да пронајдува многу повеќе информации без да ги употребува горе наведените методи. Таа многу полесно доаѓаше до информација. Едноставно, шиеше и слушаше. Шивачкиот занает беше споредна работа на уште многу жени во таа конфекција. Тие не се разликуваа многу од тетка Маре. Затоа си организираа здружение јавно мнение. Претседател беше, кој ако не тетка Маре. Јавно мнение беше организација по тертип на тајните револуционерни дружини. Можеше да се зачлени секоја жена чија што должност е водење грижа за останатите околу неа, а ако е во можност и на пошироката јавност. Еден од главните услови беше следење на сапуница која однапред ќе биде изберена од претседателството. На поревносните членови им се допуштаа и до пет-шест серии на ден.

Тетка Маре во ова друштво допушти да членуваат и мажи, од чиста причина да ја истакне половата еднаквост и да ги отфрли клеветењата дека друштвото е феминистичко. Сепак бројот на мажите не беше голем, но имаше многу соработници од тој пол. Некои сопрузи дури и не беа свесни дека се главни соработници. Тоа беше така устроено бидејќи претпазливоста се сметаше за највисока доблест. Друштвото имаше и заклетва. Секој член откако ќе имаше изгледано во целост барем три циклуси од сериите препорачани од претседателството, кажуваше заклетва и ги бакнуваше дурбинот и иглите. Заклетвата гласеше вака:

Се колнам дека одговорно

ќе ги извршувам сите зададени задачи,

и со чисто срце ќе работам

во интерес на оваа организација.

Овој дурбин нека го прошири мојот вид,

а овие игли нека ја сплетат најинтересната приказна.

Се колнам во својот живот.

МНЕНИЕ ИЛИ СМРТ!!!

По оваа заклетва голем број од членовите полнеа шамичиња со солзи, некои и се онесвестуваа од возбуда. Откако главниот ритуал ќе завршеше, новиот член добиваше задача од претпоставените. Како и секоја организација, што работи за доброто на народот, така и оваа, беше атакувана од надворешни сили и влијанија. Најчестите напади беа од злобните мажи кои на секаков начин се обидуваа да ги оттргнат своите сопруги од таквите собири. Па единствено место каде што можеа слободно да разговараат без да им довикува некој груб глас: Ајде стави нешто за јадење! Оди види што сака детено! и слично, беше фабриката.

Бидејќи тетка Весела не работеше во конфекцијата, ами земаше пензија од својот покоен маж, беше на некој начин изоставена од организацијата.

Но тоа нејзината најдобра пријателка се обидуваше да го надомести. По работата веднаш одеше кај неа и ù ги раскажуваше сите нови информации. Тоа траеше сè до почетокот на серијата. По серијата Весела рапортираше што се случило додека тие биле на работа и така склопуваа исцрпни приказни кои беа презентирани во дадени моменти.

Членовите од оваа организација најмногу ги мразеа вообразените жени кои не сакаа да соработуваат. Тоа најчесто беа навидум скромни женички кои си ја гледаа својата работа и замислете, не се интересираа за останатите! За среќа такви беа малку, па единствен лек против нив беше нивно игнорирање и напор да се дознае што е можно повеќе за нив. Не со цел да се оцрнат, туку со намера да им се приближат. Па во недостиг на информации женичките знаеја да ја искористат и својата имагинација, бидејќи аудиториумот беше навикнат на интересни приказни и нивното внимание беше награда за макотрпниот труд.

***

Серијата заврши. Ана замина во својата соба под изговор дека ù се спие. Цело време се обидуваше да ги разбере кутрите женички.

…Беше тажна. Размислуваше за постоечката ситуацијата…

Под терминот сапуница спаѓаат сите видови на шпански, португалски, латино-американски, а и во поново време српски и хрватски серии кои се презентираат на нашите телевизии.